Американскиот претседател, Доналд Трамп, повлече потег за забрзување на производството на потребната медицинска опрема за борба против пандемијата на коронавирусот и појасни дека проценката на секретарот на Министерството за финансии Стивен Мнучин дека невработеноста во Америка би можела да достигне 20 отсто е најлошото сценарио.
Во обид да се спротивстави на вирусот, за кој тој првично тврдеше дека не претставува голема закана, Трамп рече дека ќе го активира Законот за одбранбено производство, кој и овозможува на владата да го забрза производството на маски, респиратори, вентилатори и друга основна опрема, јавува „Гласот на Америка“.
– Ние ќе го победиме овој невидлив непријател – рече Трамп, истакнувајќи дека кризата што ја зафати земјата практично го направила да биде претседател во време на војна.
Трамп исто така најави дека ќе активира друг закон, кој ќе им овозможи на американските власти да ги вратат мигрантите кои се обидуваат илегално да ја преминат јужната граница на САД, додавајќи дека границата нема да биде затворена.
Според него, еден брод-болница ќе биде испратен во тешко погодениот Њујорк за да им помогне на луѓето што се изложени на ризик поради оваа зараза и дека друг таков брод ќе биде испратен на Западниот брег на САД.
Трамп го бранеше својот став дека коронавирусот е „кинески вирус“, иако некои Американци се загрижени дека станува збор за навреда од етничка основа.
– Не е расистички, воопшто не е. Вирусот потекнува од Кина – рече Трамп.