Траги од коронавирус се пронајдени на пакувања замрзната морска храна во кинески град кој неодамна преживеа епидемија на корнонавирус, соопштија владините здравствени власти. До сознанието е дојдено во истрагата за неодамнешниот кластер на случаи на Ковид-19 во Кингдао, пренесува „Њујорк тајмс“.
– Потврдено е дека контактот со надворешното пакување контаминирано од коронавирусот може да предизвика инфекција – се вели во соопштението на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Извештајот не сугерираше дека некое лице се заразило од вирусот од пакувањето замрзнат бакалар, кој потекнува од неодредена странска земја.
СЗО тврди дека не е потребно да се дезинфицираат материјалите за пакување храна иако официјалните лица нагласуваат дека треба добро да ги измиете рацете откако ќе работите со замрзната храна и нивното пакување.
Кина е една од неколкуте земји кои сугерираа дека смртоносниот вирус може да се пренесе преку замрзната храна. Официјални лица рекоа дека епидемија во Пекинг летово можеби потекнала од увезен лосос.
До последната епидемија, Кина не пријави нови случаи на коронавирус речиси два месеца. Властите веруваат дека двајца пристанишни работници заразиле десетина луѓе во болница.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД на својата страница вели: „Можеби луѓето можат да добијат Ковид-19 со допирање површина или предмет, како што се пакувањата храна или садовите за јадење на кои има вирус и потоа допирање на устата, носор или очите. Сепак, не се смета дека ова е главниот начин на ширење на вирусот “.