Илустрација: Фајненшл тајмс

Ветувачките вакцини на „Модерна“ и на „Фајзер“ ја користат истата револуционерна технологија која се покажува како високоефективна во спречувањето на ковид-19, но разликите во начинот на кој вакцините се создадени влијаат врз тоа колку може да биде забрзано нивното производство и како тие би можеле да бидат дистрибуирани, пишува „Фајненшл тајмс“.

Двете вакцини ја користат т.н. Информациона РНК – секвенца од околу 2.000 биохемиски букви на генетски код кои носат инструкции до имунолошкиот систем на примателот, овозможувајќи препознавање на инфекцијата на ковид-19 и борба против неа. Ваквата технологија досега не била употребена за вакцина.

„Модерна“ користи 100 микрограма на РНК (рибонуклеинска киселина) по доза, додека вакцината на „Фајзер“ употребува 30 микрограма, што го прави нејзиното производство полесно и поекономично, како што објаснува Золтан Киш, истражувач на Кралскиот колеџ во Лондон. Тоа би требало да го зголеми производството на вакцината на „Фајзер“, давајќи и на компанијата предност во однос на нејзиниот конкурент „Модерна“. Имунолозите наведуваат дека не е јасно зошто за вакцината на „Модерна“ е потребна поголема доза на РНК. 

И во вакцината на „Модерна“ и на „Фајзер“ РНК е содржана во липидните наночестички. Овие микроскопски капки со дијаметар од околу 0,1 микрон, ги задржуваат и ги штитат осетливите генетски инструкции додека се создавани, транспортирани и инјектирани при вакцинацијата. Композицијата на липидните наночестички незначително се разликува во двете вакцини, но тоа создава низа на импликации, според научниците.

 – Можат да ви бидат познати состојките, но сепак не знаете како тие се комбинирани за создавање на честичките со најдобрата големина и облик. Тука постои паралела со производството на храна. Можете да ги знаете состојките на кечапот „Хајнц“, но сепак не можете да го произведете – објаснува професорот Александер Едвардс од универзитетот во Рединг.

„Фајзер“ ги добива наночестичките од специјализираната канадска компанија „Аквитас“, додека „Модерна“ разви своја технологија за липидите. Во двата случаја, потребно е складирање на вакцините во ладилници, за да се одржат наночестичките во добра состојба. Разликите во липидните наночестички ќе влијаат и врз начинот на кој вакцините ќе делувааат, според експертите.