Кон крајот на февруари, словачки воен авион сред ноќ полета кон Москва. Кога следниот ден се врати во Кошице, беше пречекан од страна на словачкиот премиер Игор Матович, кој соопшти дека авионот ја донел првата пратка од очекуваните два милиона дози на руската вакцина „спутник 5“. Водечките владини претставници беа изненадени, со што многумина истакнаа дека не знаеле оти Матович планира да ја купи вакцината што не е одобрена од регулаторите на Европската Унија, пишува „Вашингтон пост“.
– Наместо да биде сметан за херој, Матович набргу се соочи со притисок за поднесување оставка поради егзодусот на членови од владиниот кабинет. Во текот на изминатата година се зголемија поделбите во кревката владина коалиција, а едностраната одлука за купување на неодобрена вакцина од страна на Матович, ја прели чашата за дел од членовите на владиниот кабинет – наведува американскиот весник.
Матович завчера објави дека ќе отстапи од премиерската функција и ќе ги замени местата со досегашниот министер за финансии Едуард Хегер, за владината коалиција да опстане. Неговата оставка уследи по оние на министрите за здравство, економија, правда, образование и надворешни работи, додека и бројни пратеници ја напуштија коалицијата. Претходно и словачката претседателка Зузана Чапутова побара од Матович да поднесе оставка.
Словачка досега во просек даде околу 14 илјади вакцини на секои 100 илјади луѓе, одржувајќи темпо на имунизација какво што имаат Австрија, Швајцарија и Норвешка. Матович се надеваше дека ќе ја забрза кампањата за вакцинација преку купување на руската вакцина, бидејќи ЕУ не им забранува на членките итно одобрување на лекови кои не се одобрени од европскиот блок. Но, на критичарите не им се допадна идејата според која Словачка стана единствената држава од ЕУ покрај Унгарија што ја користи вакцината „спутник 5“, ниту пак едностраната одлука на Матович. Оставката на Матович, сепак, ќе ја сочува владината коалиција и ќе спречи одржување на предвремени избори во Словачка.