Десетици странски родители не можеа да ги видат своите бебиња кои им ги родиле сурогат-мајки во Украина затоа што не им било дозволено да влегуваат во земјата поради ограничување на патувањето поради пандемијата ковид-19.
Досега 119 семејства барале дозвола за влез во земјата за да земат 125 бебиња, рече парламентарниот комесар за човекови права Људмила Денисова во Киев.
– Осумдесет и осум семејства веќе добија посебна дозвола, а 31 семејство веќе се во Украина – додаде таа.
На странските државјани им е забрането влегување во земјата од средината на март, како резултат на воведените мерки за борба против коронавирусот.
Редовните меѓународни летови кои се прекинати, треба да продолжат на 15 јуни.
Давател на сурогат-услуги во земјата објави видео во кое ја објаснува тешката ситуација на новороденчињата во Украина.
Во повеќејазично видео, компанијата ги повика родителите да извршат притисок врз Украина преку нивните влади.
Родителите се од Германија, Австрија и Шпанија, некои се од Аргентина, а голем број се од Кина.
Поради своите либерални закони, поранешната советска република е еден од центрите за потпомогната репродукција и сурогат во Европа.