Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека пандемијата на коронавирусот, донекаде ги модифицирала, но никако не ја спречила Алијансата да ги спроведе своите акции.
– Можноста на НАТО да ги спроведе операциите не е нарушена. Нашите сили остануваат подготвени и нашата работа продолжува вклучувајќи ги и мисиите од Авганистан до Косово – вели Столтенберг.
Тој преку видео-конференција од седиштето на НАТО во Брисел изрази поддршка до сите припадници на војската кои им помагаат на членките на НАТО во целта за сузбивање на коронавирусот.
– Ова се предизвици за сите нас како личности, заедници и нации. Ова е време кога нашата отпорност е тестирана до крајни граници – оцени тој.
Првиот човек на Алијансата додаде дека пандемијата на ковид-19 е криза без преседан.
– Надминавме и други кризи, ќе ја надминеме заедно и оваа – порача Столтенберг.
Тој напомена дека НАТО применува робусни мерки поради намалување на ширењето на вирусот на војниците и на цивилите како и дека ги продолжува своите основни задачи со цел одбрана на сојузниците.