Шестмина водечки претставници на здравствените власти во САД, за „Си-ен-ен“ ги открија предизвиците со кои се соочувале за време на борбата против ковид-19 во изминатава година – смртни закани, противречни информации, а во одредени случаи и нивно спречување за споделување на информации со јавноста.
Дебора Биркс, Ентони Фаучи, Брет Џируа, Стивен Хан, Роберт Кадлец и Роберт Редфилд се бореа против пандемијата, истовремено додека Белата куќа беше оптоварена со затегнатите односи. Како заеднички заклучок од нивните сведоштва може да се извлечат постоењето на незадоволство и отсуството на подготвеност во текот на пандемијата, како и поделби во американското водство, според „Си-ен-ен“.
Сите лекари од тимот на Белата куќа добија смртни закани како одговор на пандемијата на коронавирусот за време на поранешниот претседател Доналд Трамп, изјави координаторката на тимот, Дебора Брикс, за „Си-ен-ен“.
На почетокот на епидемијата имаше извештаи дека водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, мораше да ги зајакне безбедносните мерки поради зголемениот број смртни закани, а д-р Брикс тврди дека сите лекари од тимот добиле такви закани.
Според неа, некои од заканите гласеле „На земјата ќе ѝ е подобро да си мртва“, „Лошо управувате со земјата“ и „Треба да ти се отсече јазикот“.
Брикс додава дека нејзините ќерки исто така добивале закани и дека многубројни пораки содржеле и сексуални алузии.
Таа изјави дека заканата ја пријавила на Стејт департментот на почетокот, но дека подоцна веќе немала време да се занимава со нив.