Властите во Кина тврдат дека нема нови потврдени случаи на ковид-19 во изминатите седум дена, но здравствените експерти реагираат дека официјалните бројки на властите изоставиле голем број случаи, кои се заразени, но без симптоми, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Областа Хубеи, каде што вирусот првпат се појави, пријавува само по еден случај дневно изминатиов период, по што властите најавија дека опасноста од кризата е помината. Истовремено, мерките за патување, работење и изолација се поолабавени.
Но, здравствените експерти тврдат дека ситуацијата во Вухан и прераното прогласување на победата од страна на Пекинг може да биде потенцијална опасност во блиска иднина. Опасноста е присутна поради непријавените случаи, како и во асимптомските случаи кои не влегле во официјалните извештаи.
Две медицински сестри од Вухан откриваат дека Националната здравствена комисија се служи со сите средствва за „да го држи“ бројот на заразени на нула. Според комисијата, асимптоматските случаи не треба да бидат вброени во официјалните случаи.
– Ризично е што постојано објавуваат дека нема нови случаи. Не ги земаат предвид случаите кои не се откриени, ниту оние кои се заразени од вирусот, а немаат или имаат благи симптоми – велат двете медицински сестри.
Во областа беа регистрирани 50.000 случаи, а експертите се сомневаат во овие официјални бројки, тврдејќи дека станува збор само за „врвот на ледената санта“.
– Секојдневно регистрираме барем по еден асимптоматски случај, понекогаш дури и десетина. Според тоа, заклучуваме дека опасноста во Вухан не е завршена – вели член на тимот експерти во Вухан.
Сомнителен бил и случајот на трансфер на заразени пациенти од една болница во друга.
– Добивме околу 100 пациенти со ковид-19 на 15 март, но не добивме никакви информации дали станува збор за нови случаи или колку долго тие биле биле хоспитализирани. Четири дена подоцна добивме 20 нови пациенти, а властите веднаш објавија дека опасноста веќе поминала – вели Цао Јингчао, доктор од Вухан.
Експертите тврдат дека асимптоматските случаи, во комбинација со непреземањето мерки за изолација и со високата стапка на ширење на вирусот, се опасни, односно претставуваат потенцијална можност за ширење на нов бран на пандемијата.
Властите, пак, продолжуваат да тврдат дека асимптоматските случаи не претставуваат проблем поради 14-дневната изолација. Тие наведуваат оти постојано ги надгледуваат овие лица и доколку станат симптоматски, ги преквалификуваат како потврдени случаи.
Статија објавена од Универзитетот за наука и технологија во Хуажонг претпоставува дека околу 59 отсто од случаите во Вухан, пред средината на февруари, најверојатно биле асимптоматски или со благи симптоми, кои претежно може да се опорават без да бараат медицинска помош. Друга статија, објавена во Меѓународниот журнал за заразни болести, претпоставува дека една третина од целиот број заразени се асимптоматски случаи.
Експертите нагласуваат дека и овие случаи треба да бидат пријавени, со цел да се поттикне нивна изолација.