Австралискиот град Сиднеј денеска го продолжи карантинот за четири недели откако претходните мерки не го запреа ширењето на коронавирусот, а властите предупредија дека непочитувањето на истите ќе биде казнето построго.
На жителите на градот со пет милиони жители и на соседните регионални центри кои се протегаат на 200 километри по должината на крајбрежјето, им е наредено да останат дома до 28 август поради постојано високите бројки на заразени со делта-сојот кој започна да се шири минатиот месец.
Државата Нов Јужен Велс, чиј главен град е Сиднеј, пријави 177 нови случаи во вторникот, по 172 во понеделникот. Ова е најголемото зголемување на бројките откако возач на аеродром кој не беше вакциниран и не носеше маска ја активираше сегашната епидемија, пишуваат тамошните медиуми.