Светската здравствена организација (СЗО) објави дека бројот на нови случаи на коронавирус ширум светот се стабилизира на 4,5 милиони неделно, по постојан пораст во последните два месеца.
Во неделната проценка од пандемијата, СЗО наведе дека бројот на нови инфекции во Западниот Пацифик се зголемил за околу 20 проценти, на целиот американски континент за 8 проценти, додека во другите региони во светот или останал на исто ниво или почнал да се намалува.
Соединетите Американски Држави, Иран, Индија, Велика Британија и Бразил имаат најмногу нови случаи, пренесуваат светските агенции.
СЗО, исто така, наведува дека околу 68.000 луѓе починале како последица на Ковид-19 во светот минатата недела и дека Европа и американскиот континент забележале зголемување на бројот смртни случаи за околу 10 проценти.
Во извештајот се забележува дека одобрените вакцини продолжуваат да обезбедуваат заштита од сериозните форми на болеста, но дека постојат докази што покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во заштитата од заразните соеви на вирусот.
Вкупниот број на заразени луѓе во светот до 24 август е 212.357.898 лица, а починаа 4.439.843 лица.