Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека 60 отсто од 10 милиони заболени во светот се регистрирани во јуни, што, предупредува таа, покажува дека епидемијата се влошува, а не слабее.
Директорот на СЗО, Тедрос Адана Гебрејес, рече дека се регистрираат до 160.000 случаи дневно и ги повика сите земји да преземат сеопфатен пристап во борбата против коронавирусот.
– Пронајдете, изолирајте и водете сметка за секој случај, следете ги и ставете ги во карантин сите нивни контакти, обучувајте ги и опремувајте ги здравствените работници, едуцирајте ги и оспособете ги граѓаните за да можат да се заштитат себеси и другите – рече Тедрос.
Тедрос предупреди дека земјите што применуваат само дел од мерките имаат долг пат пред себе, пренесува „Гласот на Америка“.
– Не само тестирање. Не само физичка дистанца. Не само следење контакти. Не само да носат маски. Туку сѐ одеднаш – рече тој и истакна дека една од работите што ги научи во изминатите шест месеци е дека никогаш не е доцна да се промени ситуацијата во една земја.
Директорот на СЗО напомена дека носењето маска понекогаш може да спаси животи.