Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека очекува пораст на бројот на смртни случаи од ковид-19 во Европа во текот на октомври и ноември и дека тие месеци ќе бидат многу тешки во однос на епидемијата.

– Ќе стане многу потешко. Во октомври и ноември, ќе видиме зголемување на стапката на смртност – рече Ханс Клуге, директор на европскиот огранок на СЗО.

Бројот на заразени во Европа во моментов е во пораст, но бројот на жртви дневно е релативно стабилен.

Клуге, исто така, ги предупредува оние што сметаат дека наоѓањето на вакцината ќе стави крај на епидемијата.

– Цело време слушам луѓе како велат дека вакцината ќе означи крај на епидемијата. Секако дека нема – рече Клуге.

Тој објасни дека никој сè уште не знае дали вакцината ќе биде ефективна за целата светска популација.

– Некои знаци покажуваат дека ќе биде ефикасна за некои, но не за сите – истакна белгискиот лекар.

Тој, исто така, рече дека на епидемијата ќе ѝ дојде крајот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со неа.

– И тоа зависи од нас и тоа е една многу позитивна порака – заклучи Клуге.


Светот е во состојба на нереди

Во новиот извештај на Одборот за следење на глобални подготвености за епидемии, наведува дека светот од состојба на ризик преминал во состојба на нереди.

Причината лежи во тоа што политичките лидери не реагирале на предупредувањата дека треба да извршат подготовки за пандемија на некаква зараза, која потоа и настапила во вид на пандемија на ковид-19.

Во извештајот на одборот, кој го формулираа Светска банка и Светската здравствена организација се наведува и дека финансиските и политички инвестиции во подготвеностите биле недоволни, а цената ја плаќаме сите.

Наспроти тоа што изминатите децении беа упатени неколку повици за делување, ниту еден од нив не ги произведе потребните промени, се додава во извештајот на одборот, со кој претседава некогашниот генерален директор на СЗО, Гро Харлем Брунтланд.

Во извештајот за 2019 година, издаден неколку месеци пред избивањето на пандемијата на ковид-19, одборот укажа на вистинска опасност од „пандемија која брзо се шири, предизвикана од смртоносен респираторен патоген“ и предупреди дека такво нешто би можело да доведе до губење на милиони човечки животи и економски хаос во светот.

– Доколку не биде научена лекциите кои ги пружа ковид-19 и не се преземат соодветни чекори со неопходни ресурси и посветеност, тоа ќе значи дека следната пандемија, која сигурно ќе дојде, ќе предизвика уште поголеми штети – се предупредува во новиот извештај.