Пандемијата на ковид-19 ќе трае една година подолго отколку што е потребно, затоа што посиромашните земји не ги добиваат вакцините што им се потребни, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО). Доктор Брус Ајлвард од СЗО вели дека тоа значи дека кризата со ковид лесно може да се прошири длабоко во 2022 година, пренесува Би-би-си.
Помалку од пет проценти од африканското население е вакцинирано, наспроти 40 проценти на повеќето други континенти. Велика Британија испорача повеќе од 10 милиони вакцини до земјите на кои им е потребна, а вети вкупно 100 милиони.
Поголемиот дел вакцини против ковид се даваат во земји со висок и среден приход, додека Африка учествува со само 2,6 проценти од дозите дадени ширум светот.
Група добротворни организации, во која спаѓаат „Оксфам“ и „Ју Ен Еидс“, ги критикуваа Канада и Велика Британија поради набавка на вакцини за нивната популација преку Ковакс системот – глобалната програма за правична дистрибуција на вакцини поддржана од ОН.
Официјалните податоци покажуваат дека на почетокот на оваа година, Велика Британија примила 539.370 дози од вакцината на „Фајзер“, додека Канада зела нешто помалку од милион дози од вакцината на „Астра зенека“.
Ајлвард апелираше до богатите земји да се откажат од своите места во редот за вакцини, со цел фармацевтските компании да им дадат приоритет на земјите со најниски примања.