Пазарот во централниот кинески град Вухан имал улога во избувнувањето на епидемијата на коронавирусот минатата година како извор или евентуално како зајакнувачка околина, објави денес Светската здравствена организација повикувајќи на повеќе истражувања.
– Пазарот имал улога во настанот, тоа е јасно, но каква точно улога – не знаеме. Дали станува збор за извор или засилувачки ефект или само случајност што некои заразени потекнуваат од или околу тој пазар – рече доктор Питер Бен Ембарек, експерт на СЗО за безбедност на храна и вируси што минуваат од животни на луѓе, објави „Ројтерс“.
Не е јасно дали живи животни или заразени доставувачи и клиенти го донеле вирусот на пазарот, рече тој на прес-конференцијата во Женева.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека има многу докази оти вирусот потекнува од лабораторија во Вухан иако потоа додаде дека не е целосно сигурно.
Ниту еден јавно достапен доказ не ја поврзува епидемијата со лабораторија, а научниците велат дека коронавирусот се појавил во природата.
Германски разузнавачки извештај ги доведува во прашање наводите на Помпео, пренесе „Шпигел“.
Бен Ембаркер не изрече никакви обвинувања. Тој истакна дека била потребна цела година истражувачите да ги идентификуваат камилите како извор на вирусот МЕРС, коронавирус што се појави во Саудиска Арабија во 2012 година и се прошири на Блискиот Исток. Од оваа гледна точка тој смета дека и сега не е доцна.