Не е сигурно дека научниците ќе можат да направат ефикасна вакцина против новиот коронавирус што ја предизвика пандемијата на ковид-19 или можеби ќе помине една година пред да произлезе нешто од ваквите напори, предупреди директорот на Светската здравствена организација (СЗО).
Обраќајќи се преку видеоврска пред членовите на Европскиот парламент, кои се членови на Комисијата за јавно здравје, Тедрос Адханом Гебрејсус рече дека доколку се развие ваква вакцина, таа мора да стане јавно достапна за сите.
– Би било многу тешко да се каже со сигурност дека ќе имаме вакцина. Никогаш досега сме немале вакцина против некоја форма на коронавирус. Ова значи дека тоа ќе биде прв таков пронајдок кога ќе се измисли и се надевам дека ќе биде пронајден – објаснува директорот на СЗО.
Гебрејсус истакна дека веќе има над 100 кандидати за вакцина, од кои еден случај е во напредна фаза на развој.
– Со надеж дека ќе има вакцина, се проценува дека таа би можела да биде достапна во рок од една година. Ако процесот се забрза, може да трае и неколку месеци пократко. Тоа го велат научниците – кажа челникот на СЗО.