Седумнаесет можни вакцини против коронавирусот во моментов се тестираат на луѓе, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Од нив најмногу напредува клиничкото испитување на вакцината што ја разви британскиот универзитет „Оксфорд“, соопшти организацијата на ОН на крајот од дводневната конференција за истражувања во врска со коронавирусот.
Од СЗО велат дека остануваат оптимисти дури и ако тековните клинички истражувања не дадат плод.
– Имаме широк спектар со четири различни видови вакцини – рече Ана Марија Хенао Рестрепо, одговорна за истражувања и развој во Светската здравствена организација.
Повеќе од 150 активни супстанци во моментов се анализираат во потрага по вакцина против вирусот.
Вакцината АЗД1222 од Оксфорд е прва што влезе во третата фаза на клинички испитувања, што значи тестирање во големи размери на голем број луѓе за да се утврди дали вакцината е ефикасна и безбедна или дали предизвикува несакани ефекти.
Пет супстанци се во втората фаза на клиничко истражување каде нивната ефикасност се изучува кај мал број пациенти за да се види дали воопшто имаат некакви ефекти.
Во првата фаза, клиничките истражувања се спроведуваат на здрави лица за да се утврди нивната реакција на супстанцата која се тестира.
Клинички испитувања на вакцини се во тек и во Германија, во компаниите „БиоНТек“ во Мајнц и во „КјурВац“ во Тибинген.
Не е познато дали вакцината ќе биде достапна до крајот на годината, на што се надева главниот научник на СЗО, Сомја Сваминатан.
Обично се потребни 10 до 15 години за да се развие вакцина, но глобалното ширење на вирусот ги натера научниците и фармацевтските компании да направат невидени напори за пронаоѓање вакцина.