Позитивните знаци во борбата против коронавирусот во многу земји во Европа не значат конечна победа, а напорите кои се преземаат треба да бидат двојно и тројно поголеми, предупредува официјален претставник на Светската здравствена организација за Европа, Дорит Нитзан.
        
Таа изјави дека ни самата не знае кога ќе може да се оди без маски и ракавици, како и дека некои фармацевтски производи сè уште не се докажале дека се безбедни и ефикасни за лекување на болеста.Нитзан посочува дека борбата против пандемијата е маратон, а не спринт, што ќе се покаже во наредните месеци.
        
– Ризикот од повторна појава на болеста ќе продолжи и ќе треба трајно да се контролира со ригорозно спроведување на здравствени интервенции, бидејќи коронавирусот циркулира помеѓу државите и внатре во нив. Многу лекови се предложени како потенцијална истражувачка терапија, од кои многу ќе се проучуваат – рече Нитзан.
        
Според неа, искуството на неколку земји покажува дека изолирањето, тестирањето, барањето контакти и карантин, комбинирано со мерки на физичко растојание, мобилизирање на заедницата и зајакнување на здравствениот систем, може да спречи инфекции и да спаси животи.