Саудиска Арабија издаде упатства за околу 1.000 аџии на кои ќе им биде дозволено да одат на годишниот аџилак во Мека подоцна овој месец, искуство кое ќе поразлично од кога било претходно поради пандемијата на коронавирус, пренесува „Брејтбарт“.
Аџиите ќе можат да пијат само света вода од бунарот Замзам во Мека која е спакувана во пластични шишиња, а камчињата за отфрлање на злото, што аџиите обично ги собираат по должината на патните правци, ќе бидат стерилизирани и спакувани пред време. Аџиите ќе мора да носат и сопствени молитвени килимчиња.
Упатствата се објавени додека саудиските власти се подготвуваат за многу ограничен аџилак кој за прв пат нема да вклучува аџии од странство. Наместо тоа, кралството соопшти дека 70 отсто од аџиите годинава ќе бидат од странски жители на Саудиска Арабија и 30 отсто би биле саудиски државјани.
Саудиските аџии ќе бидат избрани од здравствените работници и безбедносните лица кои закрепнале од Ковид-19, болест предизвикана од вирусот. Владата соопшти дека нивниот избор претставува знак на благодарност за нивната улога во обезбедувањето нега за време на пандемијата.
Саудиска Арабија е меѓу најпогодените од пандемијата на коронавирус на Блискиот Исток со 3.000-4000 нови случаи денвно. Досега над 213.000 луѓе во кралството заболеле од вирусот, вклучувајќи 1.968 кои починале.
Новите упатства, исто така, налагаат странските жители што годинава ќе одат на аџилак да бидат на возраст меѓу 20 и 50 години, и претходно да не биле на аџилак. Аџиите ќе мораат да бидат во карантин пред и по аџилакот, и ќе бидат тестирани за коронавирус. Тие што имаат право на аџилак треба до петок да поднесат апликација преку веб-страницата на Министерството за аџилак.
Саудиска Арабија драматично го намали бројот на аџии поради загриженоста за пренатрупаност на годишниот аџилак што обично привлекува околу 2,5 милиони луѓе, велејќи дека нејзината одлука има за цел зачувување на глобалното јавно здравје.
Во текот на аџилакот толпите се движат, се молат и стојат во непосредна близина, честопати стиснати рамо до рамо додека ги вршат петдневните обреди во Мека. Како дел од новите безбедносни мерки оваа година, властите соопштија дека секој што ќе учествува во аџилакот нема да може да ја допира Каба, која е најсвето место на исламот и метафоричката куќа Божја во форма на коцка.
Аџиите годинава треба да носат маски, да одржуваат физичко растојание за време на молитвите и да спијат во шатори што ги почитуваат упатствата за социјално дистанцирање.