Русија планира да започне со производство на вакцина против ковид-19 во септември, по завршувањето на клиничките испитувања кое е предвидено за јули.
Вакцината во моментов е клинички тестирана на волонтери, рече вицепремиерката Татјана Голикова, а пренесе државната новинска агенција „Тасс“.
Во мај, Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија објави дека развил вакцина против коронавирус. Вакцината нема никакви несакани ефекти, според директорот на институтот, Александар Гинзбург. Научниците на институтот вакцината ја тестирале врз животни, а потоа и на самите нив, рече тој.
Студија за вакцината сè уште не е објавена и засега нема независна потврда за тврдењата на научниците или членовите на владата.
За производство на вакцини обично треба неколку години.
Вакцината моментно ја тестира руската војска врз 50 доброволци, во воено-истражувачки центар во московскиот регион. Тестирањето треба да заврши до крајот на јули.