Суд во Шведска им ги одзеде децата на родители затоа што со месеци ги држеле изолирани поради страв од коронавирусот.
Родителите им забраниле на трите деца, на возраст од 10 до 17 години, да излегуваат надвор од март до јули, а на вратите заковале дрвени даски.
Настанот се случил во градот Јонкопинг.
Родителите потекнувале од друга земја, но не било наведено од која. Според информациите објавени во шведските медиуми, родителите не зборувале добро шведски, а земјата од која доаѓале имале многу строги мерки.
Родителите пред судот рекле дека се плашеле од коронавирусот и дека немале намера да им наштетат или да ги запостават децата.
Негирале дека децата биле заклучени и дека биле присилно затворени и рекле дека можеле да излезат ако сакале.
Судот соопштил дека нема причини да не му верува на најстарото дете кое кажало дека биле заковани даски на вратите и дека родителите им забраниле да излегуваат надвор и да одат на училиште.
Во пресудата пишувало дека родителите од претходно им биле познати на социјалните служби.
– Истрагата покажала дека изолацијата негативно влијаела на децата и дека постоел значителен ризик по нивното здравје или развој. Независно од причината за изолација, потребите на децата не биле земени предвид – пишува во пресудата.