Француски истражувачи ќе почнат со многу сериозен проект за тестирање никотински лепенки врз пациенти што имаат коронавирус. Прелиминарно истражување имплицира дека тутунот содржи состојка што би можела да го намали ризикот од инфекција со коронавирус. Тоа е во директна спротивност со досегашните апели и предупредувања дека пушењето носи сериозни здравствени ризици за време на пандемијата на ковид-19
Уште една небулоза за вистинското лице на коронавирусот
Француските истражувачи ќе почнат со планот да тестираат никотински лепенки врз пациенти со коронавирус и здравствени работници што се под директен удар. Идејата дојде откако резултатите од една друга независна студија упатија на веројатноста дека пушачите се помалку подложни на ризик од инфекција со ковид-19. Истражувањето што беше спроведено во една од поголемите париски болници даде назнаки дека некоја од супстанциите во тутунот, најверојатно никотинот, би имала моќ да ги заштити од заразата пациентите што се пушачи. Клиничкото тестирање на никотинските лепенки чека одобрение од здравствените власти во државата.
Не се поттикнуваат граѓаните да почнат да пушат цигари
Сепак, сите истражувачи во своите јавни настапи и изјави инсистираа да истакнат дека со ова не го поттикнуваат населението да почне да пуши, затоа што самото пушење носи други потенцијално фатални ризици по здравјето и убива околу 50 отсто од активните пушачи.
„Иако никотинот би можел да ги штити од ковид-19 љубителите на оваа штетна навика, пушачите инфицирани со овој вирус често развиваат посериозни симптоми поради токсичниот ефект на тутунскиот чад врз белите дробови“, велат тие.
Истражувачкиот тим од париската болница „Пити-Салпетриер“ испитувал 480 пациенти што биле позитивни на коронавирусот, од кои 350 биле хоспитализирани, додека преостанатите, кои имале помалку сериозни симптоми, биле испратени на домашно лекување.
Резултатите покажаа дека од оние што биле примени во болница (просечна возраст 65 години), само 4,4 отсто биле редовни пушачи. Од оние што биле пуштени дома (просечна возраст 44 години), пушачи биле само 5,3 отсто.
Никотинот е кочница за запирање на коронавирусот на неговиот пат кон клетките
Земајќи ги предвид возраста и полот на заболените, истражувачите дојдоа до сознание дека процентот на пушачи е многу помал од оној кај севкупната популација. За оние помеѓу 44 и 53 години, официјалниот процент на пушачи изнесува дури 40 отсто, додека кај лицата на возраст од 65 до 75 години процентот се движи помеѓу 8,8 и 11,3 отсто.Познатиот француски невробиолог Жан Пјер Шанже, кој даде свој личен осврт на студијата, смета дека никотинот би можел да го запре вирусот на неговиот пат кон клетките во телото, превенирајќи го на тој начин и неговото ширење.
Исто така, никотинот би ја намалил веројатноста од бурна и драматична реакција на имунолошкиот систем, каква што е детектирана кај најтешките случаи на болни од ковид-19. Наодите треба да бидат верификувани по пат на клинички опит, во кој на здравствените работници што се во првите редови, инфицираните со ковид-19 и пациентите на интензивна нега ќе им бидат аплицирани никотински лепенки.
И кинеските истражувачи претходно го констатирале овој феномен
Резултатите од оваа студија се во корелација со оние од кинеската, која на крајот на март беше објавена во списанието „Медицински журнал на Нова Англија“. Според неа, само 12,6 отсто од 1.000 инфицирани со ковид-19 биле пушачи, додека вкупниот процент на пушачи во Кина изнесува околу 28 отсто. Во Франција, бројките од париските болници покажаа дека од 11.000 пациенти што биле позитивни на коронавирус и хоспитализирани, само 8,5 отсто биле пушачи. Вкупната бројка на пушачи во Франција се проценува на 25,4 отсто.
„Нашата реонска студија сериозно укажува на фактот дека луѓето што секојдневно пушат, во споредба со општата популација, имаат многу помала веројатност да развијат симптоматска или потешка инфекција со САРС-КоВ-2“, напишаа авторите на извештајот од „Пити-Салпетриер“.
Во извештајот се истакнува дека ефектот е значителен. „Кај пушачите ризикот се дели со 5 кај амбулантни пациенти и со 4 за оние што се сместени во болница. Ова ретко се гледа во медицината“.