Претседателот на Чиле, Себастијан Пињера ќе треба да плати парична казна од 3.500 американски долари, откако се фотографираше со случаен минувач на плажа без да носи маска, како што е предвидено за време на пандемија на коронавирус, соопштија здравствените власти.
Во Чиле постои строго правило за носење маски на сите јавни места, додека прекршувањето на правилата се казнува со санкции кои вклучуваат парични казни и затвор. Пињера се извини откако се појави фотографијата на социјалните мрежи. Претседателот тврди дека шетал на плажа во близина на неговиот дом во елитниот чилеански крајбрежен град Качагуа, кога случаен минувач го препознал и прашал дали може да се слика со него.
На селфито се гледа како претседателот и жената стојат многу блиску еден до друг, а ниту еден од нив не носи маска.
Пињера, кој е склон кон гафови, претходно беше фотографиран на пица забава истата вечер кога минатата година избувнаа протести за нееднаквост во Сантијаго. Подоцна беше виден како позира на плоштад кој беше место за собирање на демонстрантите, откако тие беа принудени да останат дома поради пандемијата.
Вирусот го достигна својот врв во мај и јуни, додека бројот на заразени падна во ноември. Случаите повторно растат, што доведува до нови ограничувања и карантин. Чиле пријави 581.135 случаи на вирус од почетокот на пандемијата во март, додека од инфекцијата досега починале 16.051 лице.