Со положување венци, садење дрвца и црковни служби, Италијанците денес одбележаа една година откако во земјата беше забележан првиот регистриран случај на смрт од ковид-19.
Градовите во северна Италија беа први на удар од пандемијата и беа ставени под блокада, потсетува агенцијата АП.
Со околу 95.500 потврдени смртни случаи, Италија го има вториот најголем број на смртни случаи од пандемијата во Европа, по Велика Британија.
Експертите велат дека многу повеќе луѓе починале од вирусот, но никогаш не биле тестирани.
Додека првиот бран на инфекции во голема мера ја погоди Ломбардија и другите региони на северот од земјата, вториот бран, кој започна во есента 2020 година, ја погоди целата земја.
Бројот на новозаразени беше висок и покрај многуте ограничувања, како што беа забраните за патување помеѓу регионите, а во некои случаи и меѓу градовите.
Досега во Италија се пријавени 2,8 милиони случаи на коронавирус. Во светски рамки, со Ковид-19 досега се заразиле 111 милиони луѓе, а починале 2,46 милиони.