Европската Унија ги преживеа брегзит, бегалската криза и финансиската криза во 2008 година – но ништо од тоа не е гаранција дека Унијата е отпорна на актуелната пандемија од вирусот ковид-19 односно дека таа не може да ја уништи. За добро и за лошо, кризите создаваат можности за вонредна политика. Европските медиуми ги предупредуваат европските лидери дека би било апсурдно да мислат дека актуелната пандемија е различна само затоа што станува збор за криза во јавното здравство – а не е политичка или финансиска.
Многу набрзо можеби уште веднаш ќе се покажат слабостите на политичката кохерентност на инстутуциите на ЕУ, но уште побрзо и финансиските предизвици на здравствената криза, тврдат аналитичарите.
Иако има смисла за членките на ЕУ да ги приспособат своите стратегии за борба против коронавирусот на локалните (националните) услови, разновидноста на пристапите низ целиот регион укажува дека постои мала (доколку воопшто има) вистинска координација. Тоа многу експлицитно се покажува на примерот на Италија, која е најпогодена од пандемијата на коронавирусот во Европа. Вистинската човечка цена на пандемијата (над 1.000 луѓе починале само во Италија) во комбинација со анксиозноста на популацијата и чувството (оправдано или не) дека европските институции не помагаат, лесно можат да придонесат за создавање моќна центрифугална сила на желбата за напуштање на ЕУ.
Ова ќе биде особено точно ако Италијанците дојдат до заклучок дека девалвацијата на нивната валута е нивниот единствен можен извор на економско олеснување.
Сите што се надеваа дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ќе исцрта кохерентен пат напред, останаа разочарани. Тоа се случи во моментот кога италијанската влада го затвори јавниот живот во земјата (минатата седмица) и берзата се стопи, а Фон дер Лејен се појави пред медиумите да се пофали со нејзините први сто дена на власт. Како амбициозен ученик што сакаше да му покаже на светот колку добро се подготвил за својот голем говор, Фон дер Лејен изгледаше речиси навредено што новинарите ја принудуваа да упати апел за солидарност и единство во невремето на коронавирусот. Дури и тогаш се чинеше дека не ја разбира тежината на ситуацијата.
– Тимот за одговор на коронавирусот на комисијата ја има ситуацијата под контрола. Ние се состануваме еднаш неделно – инсистираше претседателката на Европската комисија.
Покрај цената во однос на животот и јавното здравство, пандемијата создаде економски шок до степен што лесно може да ја надмине финансиската криза во 2008 година. Додека големата рецесија резултира со финансиски шок што се одвиваше низ американските и европските економии, сега целиот свет се соочува со голем пад на сите сектори на економијата.
– Социјалното дистанцирање сосема извесно значи помала економска активност за секого. Во наредните седмици, ако не и месеци, луѓето ќе работат помалку, ќе инвестираат помалку и ќе трошат помалку. Неизбежно, билансите на состојба ќе се влошат, а од друга страна и профитабилните бизниси ќе бидат во опаѓање – освен ако не постои јасна заложба од јавните власти да ја стабилизираат економијата – предупредуваат аналитичарите.
Во САД, федералните резерви се зголемуваа со програма за квантитативно олеснување, иако и претседателот Доналд Трамп го стори тоа со задоцнување. Банката на Англија ги намали стапките и Владата објави големо фискално олабавување во вредност од 30 милијарди фунти. Одговорот на ЕУ, во споредба со овие мерки, беше жално слаб. Изјавата од минатата недела на главната банкарна на еврозоната Кристин Лагард, дека нема „никакви материјални знаци на пазарите на пари или недостиг од ликвидност“, не навестува каков било одговор на политиката кон развојот на настаните. Економските експерти ценат дека тоа е неодговорно.
Земјите во ЕУ, најтешко погодени од пандемијата – Италија, Шпанија и Франција – се оние што имаат најмалку простор за фискално дишење, без оглед на релаксирањето на Европската комисија за фискалните и правилата за државна помош од петокот.
По завршените преговори за брегзит, стана конвенционална мудрост дека преостанатите Европејци некако се „излечија“ од каква било желба да ја напуштат ЕУ. Иако можеби тоа важеше пред неколку недели, повеќе не може да се смета здраво за готово, особени во денешните вонредни времиња. Ако има една лекција од Големата депресија, тоа е дека кога меѓународното раководство не успева, тоа се заменува со деструктивното, некооперативно однесување на националните влади.
Гледано од македонска страна, каков било потенцијал за развивање евроскептицизам во самата ЕУ спрема капацитетите на европските институции претставува загрозување на националните (македонски амбиции) за евроинтеграција. Дури и во време на европска и домашна коронавирус-криза, една од нашите најголеми грижи е дали ваквата состојба повторно ќе го одложи датумот за почеток на преговори. Таквата состојба легитимно ја отвора дилемата (дури и во Македонија, како земја-кандидатка) колку ефикасно реагираат институциите на ЕУ во непредвидени ситуации и колку тоа ги става на тест нејзините основни принципи – како солидарноста.
– Веќе е создаден впечатокот дека ЕУ се најде затекната со ширењето на коронавирсот и забележливо е задоцнета реакцијата на Унијата во однос на драматичниот развој на состојбите во Италија, една од нејзините најстари членки. Таквата инертност во реакцијата сериозно ги става на тест темелните принципи на Унијата, како солидарноста. Од друга страна, треба да се има предвид дека институциите на ЕУ немаат супремација над националните институции, односно ЕУ сѐ уште не е целосна федерација. Тоа, секако, значи дека можностите на бриселската администрација за брза реакција на поддршка се ограничени.
Има сигнали и се очекува многу брзо да се активираат и тие механизми за координација и поддршка на ЕУ, во однос на состојбите предизвикани од коронавирусот, иако малку задоцнето – оценува Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.