Клиничките испитувања на новата вакцина против ковид-19, чие производство би било поевтино, полесно и побрзо, почнуваат да се спроведуваат во Бразил, Мексико, Тајланд и Виетнам.
Вакцината НДВ-ХXП-С е прва вакцина во клиничко испитување што користи нов молекуларен дизајн за кој се очекува да произведе посилни антитела отколку постојните вакцини.
Тоа може да го промени начинот на кој светот се бори против пандемијата, пишува „Њујорк тајмс“.
Вакцините што сега се користат, како што се оние на „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“, се прават во специјализирани фабрики со употреба на состојки кои тешко се добиваат.
Спротивно на тоа, новата вакцина може да се произведува масовно во кокошкини јајца, како што се прават милијарди вакцини против грип секоја година во фабриките низ светот.
Доколку се докаже дека вакцината е безбедна и ефикасна, производителите на вакцини против грип би можеле да направат повеќе од милијарда дози годишно, а посиромашните земји на кои сега им е тешко да добијат вакцини против ковид-19 од побогатите земји, може да ги произведат или набават сами по ниски цени.
Првата фаза од клиничкото испитување ќе заврши во јули, а последната фаза ќе трае уште неколку месеци.
Експериментите врз животни даваат надеж за успех на вакцината.