Во најмалку седум европски земји вчера почна клиничко испитување на четири експериментални лекови против коронавирус на вкупно 3.200 пациенти, соопшти француското Министерство за здравство.
Четирите лекови што треба да се тестираат кај голем број пациенти се ремдесивир, лопинавир во комбинација со ритонавир, а вториот може да се комбинира со бета интерферон и хидроксихлорокин, се вели во соопштението на ИНСЕРМ, Институт за медицински истражувања во Франција.
Ремдесивир е експериментален антивирусен лек кој претходно бил тестиран за третман на ебола. Лекот е развиен од големата биотехнолошка компанија „Гилеад сајансис“.
Хлорокин е лек против маларија одобрен од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) по Втората светска војна. Лопинавир во комбинација со ритонавир делува добро во контролирање на ХИВ и може да биде ефикасен во лекувањето на коронавирусот.
„Третманот ќе опфати 3.200 пациенти во Белгија, Холандија, Луксембург, Велика Британија, Германија и Шпанија и евентуално други земји, вклучително и најмалку 800 пациенти во Франција хоспитализирани со ковид-19“, соопшти францускиот Институт за медицински истражувања.
Второто меѓународно испитување ќе биде спроведено под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО), наречена „Солидарност“, пренесува ИНСЕРМ.