Полска најави нови мерки со цел сузбивање на пандемијата, откако петти ден по ред е регистриран рекорден број на новозаразени.
Но, одржувањето на настава од далечина, како што беше претходно најавено, се уште нема да се воведе.
Повозрасните граѓани на Полска во продавница ќе можат да одат во периодот помеѓу 10 и 12 часот, додека установите за нега на стари лица ќе добијат 8,5 милиони евра државна помош, изјавил полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Тој на прес-конференција порача дека се уште нема потреба за затворање на училиштата, откако владата претходно најави дека може да се случи такво нешто.
Моравјецки рече дека владата ќе ја проценува ситуацијата на неделно ниво за да разгледа дали се потребни нови мерки за борба против пандемијата.
Ограничувањата и задолжителното носење маски во јавноста во сите прилики и на сите места, стапија на сила од денес. Дополнителни мерки во врска со постарите граѓани ќе стапат на сила на 15-ти октомври.
Премиерот на Полска претходно изјави дека не е исклучено да се прогласи вонредна состојба, доколку бројот на заразени продолжи да расте. Сепак, тој денес рече дека владата сака да ја заштити економијата и да избегне повторно воведување мерки за карантин.
Денеска се одржаа протести низ цела Полска поради одредбата за задолжително носење маски.