Британската полиција денеска ги растури демонстрациите во центарот на Лондон против рестрикциите наметнати поради коронавирусот.
Полицијата интервенираше откако насобраните ги игнорираа предупредувањата за почитување на правилата за физичко растојание.
Илјадници луѓе, повеќето без маски, се собраа на плоштадот Трафалгар, каде говорници ги критикуваа владините мерки за сузбивање на епидемијата како прекумерна реакција што непотребно ги ограничува човековите права и слободата на изразување.
Лондонската полиција претходно соопшти дека нејзините припадници прво ќе ги предупредат демонстрантите да ги почитуваат правилата за физичко растојание и дека потоа ќе делуваат доколку присутните не се придржуваат до препораките.
Првите три часа од протестот, полицајците не влегоа во толпата, но потоа почнаа да ги растеруваат присутните.
Британскиот парламент се подготвува да ги разгледа законите поврзани со епидемијата, а владата воведува нови ограничувања за борба против вирусот.
Скоро 42.000 луѓе починаа во Велика Британија поради компликации предизвикани од коронавирусот, што е највисока стапка во Европа.
Во претходните недели имаше нагло зголемување на бројот на смртни случаи и новозаразени.
Британската влада ретходно неделава објави дека на пабовите и рестораните низ целата земја ќе им биде забрането да работат по 22 часот.
Одредбите за задолжително носење заштитни маски се заострени, како и казните за непочитување.
Забрането е групирање на повеќе од шест лица, освен во случај на протест. На протестите може да се соберат поголеми групи луѓе, под услов организаторите да достават проценка на ризик за организирање на собирот и да ги почитуваат мерките за физичко растојание.