Синџирот за крофни и кафе „Криспи крим“ нуди бесплатна крофна секој ден во текот на една година за вакцинираните

Пари, билети за влез во музеј, па дури и марихуана, се нудат како поттик за вакцинацијата во САД, односно за убедување на оние што се сомничави кон имунизацијата, пишува „Фајненшл тајмс“.

САД се ближат кон милион вакцинации дневно, но го насочија вниманието кон поединците што одбиваат да се вакцинираат, поради загриженоста дека државата нема да постигне колективен имунитет ако мнозинството од населението не биде имунизирано.

Компаниите и државните власти осмислија начини за поттик на невакцинираните. Американската сојузна држава Мериленд објави дека ќе им дава по 100 долари на вакцинираните вработени до државните служби, како и дека ќе воведе казни за оние што одбиваат да примат вакцини.

– Ваквиот поттик претставува уште еден начин да се засили важноста на вакцинацијата и силно ги охрабруваме бизнисите низ државата да размислат за нудење поттик на нивните вработени – кажа гувернерот на Мериленд Лери Хоган.

Во сојузната држава Њу Џерси, граѓаните над 21-годишна возраст кои месецов ќе ја примат првата доза на вакцина, можат да добијат бесплатно пиво во 13 пивари со покажување на потврдата за вакцинацијата. Оваа иницијатива е наречена „вакцина и пиво“. Во Детроит, пак, секој што е вакциниран може да добие дебитна картичка со 50 долари.

Американските работодавачи исто така се обидуваат да ги убедат нивните вработени да се вакцинираат. „Американ ерлајнс“ на своите вработени им нуди дополнителен слободен ден и 50 долари во поени, додека „Амазон“ им дава по 80 долари на потполно вакцинираните работници. Слична практика воведоа повеќе компании, меѓу кои се „Лидл“ и „Мекдоналдс“, во одбид да ги убедат вработените да се вакцинират.

Аптеката за марихуана „Гринхаус“ во сојузната држава Мичиген нуди „трева за вакцини“, со што од февруари веќе даде над 25 илјади џоинти, според нејзините податоци.

Синџирот за крофни и кафе „Криспи крим“ нуди бесплатна крофна секој ден во текот на една година за луѓето кои ќе покажат потврда за вакцинацијата. А претседателската библиотека и музеј „Абрахам Линколн“ во Илиноис нуди бесплатни билети до крајот на јуни за вакцинираните. Бејзбол тимот Кливленд индијанс дава попуст од пет долари на билетите за вакцинираните, а Синсинати редс ги продаваат билетите по цена од 10 долари на вакцинираните љубители на бејзболот.

Наспроти сите награди и иницијативи за поттик, одредени скептици во вакцинацијата и натаму одбиваат да се вакцинираат.

– Бесплатните крофни или стоте долари не прават ништо за да ме убедат да примам вакцина со експериментална генетска тереапија за болеста која претставува мала закана за мене – кажа 32-годишник од Мериленд.

Речиси една третина од американската полулација прими по две дози вакцини, според податоците на Центрите за контрола на заразни болести, а повеќе од 147 милиони луѓе досега примија барем една доза. Американскиот претседател Џо Бајден објави дека цел за националната стратегија за вакцинација преставува имунизирање на 70 отсто од возрасното население со барем една доза до 4 јули.


Србија на вакцинираните им дава парична помош како награда

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека е донесена одлука за обезбедување дополнителна парична помош за оние кои се вакцинирани против коронавирус.

Тој изјави дека помошта ќе изнесува 3.000 динари, односно 25 евра.

Како што посочува, сите над 16 години кои ќе бидат вакцинирани со една или две дози до 31 мај, ќе добијат дополнителни 3.000 динари, објави „Б92“.

– Бидејќи не можеме да донесеме негативни дискриминаторски мерки за оние кои нема да примат вакцина, размислувавме како да ги наградиме вакцинираните – изјави тој за „ТВ Пинк“.

Целта, како што рече, е да се наградат оние што покажале одговорност, како и да ги поттикнат другите да се вакцинираат.