Израел рано утрово ја ракетираше северозападна Сирија при што загина најмалку еден човек, а повредени се шестмина, според првичните информации.

Авиони на израелското воено воздухопловство нападнаа магацин со пластика во провинцијата Латакија, пренесува сириската агенција САНА.

Сириските медиуми јавуваат за изјава на неименуван извор од сириската армија дека жртви на нападот биле цивили.

Нападот утрово погоди локации во градовите Хафех и Масијаф во северозападна Сирија, но сириската противвоздушна одбрана возврати, се наведува во извештајот на АП, но без попрецизни информации и детали.

Сириските државни медиуми пренесоа зборови на неименуван извор дека, меѓу другото, била погодена фабрика за производство на пластика, како и дека сириската противвоздушна одбрана соборила неколку израелски ракети пред да стигнат до целите.

Ова е прв израелски напад врз Сирија, откако сириската армија ракетираше цели длабоко во израелската територија пред две недели.

Израел изврши стотици ракетни напади врз воени цели во Сирија поврзани со Иран во последните неколку години, но официјален Ерусалим ретко ги признава ваквите операции.