Во Пекинг повторно се затвораат сите училишта и универзитети по појавата на нови случаи на ковид-19 во главниот град. Властите во Пекинг им препорачаа на жителите да ги избегнуваат патувањата надвор од градот, а во населби што се погодени од коронавирусот целосно е забрането движењето. Секоја личност, која навистина мора да го напушти градот, ќе мора да има потврда дека нема коронавирус, а тестот не смее да биде постар од седум дена.
Неколку населби се затворени, а 30.000 ресторани се дезинфицирани во Пекинг кога коронавирусот повторно почна да се шири, јавува Си-ен-ен.
Здравствената комисија во Пекинг објави 27 нови случаи на ковид-19, вкупно 106, пет дена по појавата на инфекцијата на пазар за храна.
Пазарот во југозападниот дел на Пекинг, област Фенгтаи, наречен Ксинфанди, зафаќа 277 хектари и има над 2.000 тезги, кои продаваат претежно овошје и зеленчук, но и месо и морска храна. Според официјалните податоци, околу 70 проценти од градскиот зеленчук и 10 проценти од свинското месо се испорачуваат од тој пазар.
Пазарот е затворен уште од саботата, но неговата големина и бројот на луѓе што го посетиле или работеле таму го зголемуваат ризикот од ширење на епидемијата. Властите пронајдоа речиси 200.000 луѓе, кои изминативе две недели биле на пазарот, преку посети од врата до врата и со повици. Тие ќе мора да останат дома на медицинско набудување и да бидат тестирани на коронавирус.
Областа Ксичегн објави дека седум станбени заедници околу пазарот ќе бидат затворени поради откривањето на коронавирусот во неделата. Слична забрана за движење и затворање следува и во други населени места околу пазарот. Ќе бидат затворени вкупно 29 станбени единици во градот.
Во Кина се потврдени 40 нови случаи на коронавирус, од нив 27 се во Пекинг, соопштија здравствените власти.