Во својата велигденска порака, папата Франциск ги повика државите да ја забрзаат вакцинацијата, особено во сиромашните земји и ги нарече скандалозни вооружените конфликти во време на пандемија.
Втора година по ред, поради пандемијата од ковид-19, папските активности по повод Велигден се ограничени на мали собири пред споредниот олтар на базиликата Свети Петар, наместо со претходните миси пред десетици илјади луѓе на истоимениот плоштад.
По утринската миса, Папата даде обраќање „Урби ет Орби“ во кое традиционално се осврнува на светските проблеми и повикува на мир.
– Пандемијата сè уште се шири, а социјалната и економската криза е сериозна, особено за сиромашните. И покрај тоа, што е скандалозно, вооружените конфликти не запираат, а воените арсенали се зајакнуваат – рече тој.
Во предпандемичните времиња, папата имаше обраќање пред најмногу 100.000 луѓе на плоштадот Свети Петар. Овој пат тој зборуваше пред помалку од 200 луѓе во црквата, со пренос преку Интернет за десетици милиони верници.
На главниот плоштад во Ватикан имаше неколку полицајци кои се грижат тридневниот национален карантин да се почитува низ цела Италија. Поглаварот на Римокатоличката црква го замоли Бога да ги утеши болните, оние кои ги изгубија своите најблиски, како и невработените. Тој ги повика властите да им обезбедат пристоен живот на семејствата кои имаат потреба. Папата ги пофали медицинските работници, изрази сочувство со младите кои не можат да одат на училиште и истакна дека сите мора да се борат против пандемијата.
– Ја повикувам целата меѓународна заедница, во духот на глобалната одговорност, да се справи со проблемот со доцнењето во поделбата на вакцините и тие да се дистрибуираат особено во најсиромашните земји – рече тој.
„Господ, кој е наш мир, нека ни помогне да го надминеме воинствениот начин на размислување“, додаде папата Франциск.
Потсети дека денес е и Меѓународен ден за дејствување против мини, затоа повика на забрана за овие „подмолни уреди“, „нструменти на смртта без кои нашиот свет би бил многу подобар.
Коментирајќи ги конфликтите во светот, папата ги пофали младите луѓе во Мјанмар кои застанаа во одбрана на демократијата и го расчуја нивниот глас на мирен начин.