Студијата вели дека организмот на некои поединци брзо го чисти вирусот поради силниот имунолошки одговор од постоечките Т-клетки, што значи дека направените ковид-тестови покажуваат негативен резултат
Сите знаеме барем едно лице кое било подложено на коронавирусот, но не се разболело, а ниту тестовите не покажале траги од болеста. Научниците сега дојдоа до објаснување за ваквата појава, наречена „абортирана инфекција“, пренесува „Гардијан“.
– Она што не го знаевме е дали овие лица навистина успеале целосно да го избегнат вирусот, или нивното тело природно го исчистило вирусот пред тој да биде откриен преку рутински тестови – вели д-р Лео Свадлинг, имунолог на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Студијата вели дека организмот на некои поединци брзо го чисти вирусот поради силниот имунолошки одговор од постоечките Т-клетки, што значи дека направените ковид-тестовите покажуваат негативен резултат.
Испитувањето покажало дека 58 здравствени работници за време на првиот бран на пандемијата во ниту еден момент не биле позитивни на ковид-19, никогаш немале симптоми и во крвта не развиле антитела. Примероците од нивната крв покажале дека тие веќе имаат заштитни Т-клетки, кои ги препознаваат и убиваат клетките заразени со ковид-19. Ваквата заштита потекнува од претходни инфекции од други сезонски коронавируси кои предизвикуваат настинки, а поради нивното работно место, тие претходно биле поизложени на вирусите.
Ваквото откритие би можело да го отвори патот за создавање нов вид на посовремена, поуспешна ковид-вакцина насочена кон одговорот со Т-клетките, што би довело до многу подолготраен и подобар имунитет. Вакцините против ковид-19 досега во голема мера беа насочени кон шилестиот протеин на вирусот. Но, ваквите ретки Т-клетки „гледаат“ во внатрешноста на вирусот и ги пронаоѓаат протеините неопходни за негова репликација. Надградените вакцини веројатно ќе бидат ефикасни и за заштита од нови соеви, а потенцијално и од други патогени.
– Доколку вакцините се надградат со ваква заштита, тие би можеле да бидат уште поефикасни. Се надеваме дека оваа студија ќе доведе до понатамошен напредок во нивниот развој, бидејќи ни се потребни сите видови заштита што можеме да ги добиеме – вели д-р Александер Едвардс од Универзитетот во Рединг.