Директорот на СЗО ги осудува нееднаквостите во дистрибуцијата
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, предупреди дека вакцините против ковид-19 сè уште се недостапни за сиромашните земји.
„Ројтерс“ пренесува дека во денешното соопштение по повод првата годишнина од воспоставувањето на глобалниот систем „Ковакс“, Тедрос истакнал дека досега се користени скоро 900 милиони вакцини ширум светот, но дека над 81% отишле во богатите земји, додека земјите со низок стандард добиле само 0,3 проценти од таа количина.
Директорот на СЗО постојано ги осудува нееднаквостите во дистрибуцијата на вакцините и ги повикува побогатите земји да ги споделат вишокот дози што ги имаат за да помогнат во имунизацијата на здравствените работници од сиромашните земји.
Повеќе од три милиони луѓе починаа во пандемијата, а „Ковакс“, кој досега испорача 40,5 милиони дози во 118 земји, има за цел да обезбеди две милијарди дози до крајот на годината.