Чешкиот премиер Андреј Бабиш се соочува со незабележани напади од неговите коалициски партнери откако одби понуда од Европската Унија (ЕУ) за дополнителни вакцини против ковид-19, со што ја загрози својата политичка иднина во пресрет на изборите, објавува „Политико“.
Бабиш го одбива снабдувањето со дополнителни вакцини, инсистирајќи дека предлогот е нефер спрема австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој го предводи барањето за доставување на поголем удел на вакцини за државите во ЕУ каде што имунизацијата се одвива бавно.
Според предлогот на португалското претседателство, кој доби поддршка од 24 од 27-те членки на ЕУ, Австрија нема да добие дополнителни дози, бидејќи податоците покажале дека државата нема критична потреба за снабдување со вакцини, наспроти нејзините соседи. Преостанатите членки го продолжија процесот за набавка на вакцини без оние кои беа против – Чешка, Австрија и Словенија, потпишувајќи договор според кој 19 држави донираа вакцини за пет држави од ЕУ каде што вакцинацијата се одвива најслабо.
Сега Бабиш се соочува со голем притисок дома, а неговите коалициски партнери, социјалдемократите, го оставија на цедило.
– Премиерот лично преговараше за снабдување со други вакцини за Чешка. Тој не се консултираше со владата во поглед на процедурата. Тоа е негова одговорност и тој треба да им објасни на граѓаните зошто изгубивме 70 илјади вакцини – порача чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек преку Твитер.
На Хамачек му се придружија и други социјалдемократи во нивните најжестоки напади кон Бабиш уште од доаѓањето на сегашната владејачка коалиција на власт во 2017 година. Ваквата состојба сугерира дека социјалдемократите сакаат да се одвојат од владата чија популарност опаѓа, во пресрет на изборите во октомври, со цел да го подобрат статусот на нивната партија.
Бабиш ја бранеше неговата одлука, обраќајќи се кон чешките медиуми.
– Португалското претседателство е само марионета за големите држави кои едноставно сакаа да го казнат Себастијан Курц бидејќи тој си дозволи да ја каже вистината, дека вакцината треба да биде распределена според популацијата. Јас го сметам тоа за скандал. Принциот според кој ни понудија 70 илјади вакцини за да молчиме, со цел да се напушти принципот за фер дистрибуција, е неприфатлив – кажа Бабиш.
Кабинетот на Курц објави дека Австрија ќе испрати 30 илјади дози вакцини на Чешка, како гест на солидарност.
Ситуацијата во Чешка, наликува на онаа во соседна Словачка, каде што Игор Матович беше принуден да поднесе оставка од премиерската функција бидејќи коалициските партнери се побунија против неговата набавка на руската вакцина „спутник“. Бабиш изјави дека размислува за набавка на милион дози од „спутник“.