Пред Европската комисија се најде најновиот двонаменски план за заживување на европската економија, кој се состои од ажуриран план за долгорочен буџет на ЕУ и нов финансиски пакет, познат како „Инструмент за обнова“. Токму минатата среда него го бранеше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Но планот допрва треба да го поддржат или отфрлат сите членки на ЕУ, за да биде вграден во новиот буџет, а тука се делат на богати и сиромашни, западни и јужни… Според коментарите на извори внатре во Унијата, овој план ќе предизвика нови интензивни несогласувања, впрочем како и секогаш кога се водат преговори за европскиот буџет
Проект на Европската комисија што предвидува борба на повеќе фронтови за побрзо закрепнување од корона-кризата
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, се наоѓа под голем притисок и предизвик. Имено, таа токму пред една недела пред ЕК елаборира предлог што би претставувал основа за компромис прифатлив за сите 27 членки на ЕУ и Европскиот парламент, кои заеднички носат одлука за одобрување на буџетот. Секако, и националните парламенти ќе треба да дадат посебна согласност за собирањето средства за фондот за помош – опција што не може со сигурност да се смета за изводлива.
Во истиот контекст, непосредно пред експозето на Фон Лајен, канцеларката на Германија, Ангела Меркел, и претседателот на Франција, Емануел Макрон, го обелоденија пред ЕК концептот на својот заеднички предлог – фонд за економско заживување во висина од 500 милијарди евра. Тоа се средства собрани од европски задолжувања, но дистрибуирани во форма на грантови за регионите и секторите што се под најголем удар на кризата од коронавирусот. Од друга страна, сојузот составен од Австрија, Холандија, Данска и Шведска, одговори со свој предлог, во кој се инсистира финансиската помош да функционира во форма на заеми. Американскиот магазин „Политико“ ги анализира петте клучни прашања и дилеми во однос на предлозите на Европската комисија:
1. Грантови или заеми?
Најголемото кршење на копјата во следниве неколку недели ќе биде околу прашањето за тоа дали закрепнувачкото финансирање на земјите-членки би требало да биде дистрибуирано првенствено во форма на грант или заем. Задолжените јужни држави, како Италија, се спротивставуваат на идејата дека помошта од ЕУ би требало да значи туркање во нови задолжувања. Но другите држави, особено оние како Австрија, Холандија, Данска и Шведска, сметаат дека секоја позајмена пара треба да биде вратена од страна на земјата што ќе добие заем.
Француско-германската иницијатива наиде на одобрување во некои од земјите, вклучувајќи ги Шпанија и Ирска. Сепак, Австрија, Холандија, Шведска и Данска излегоа со заеднички став дека не се согласуваат со општа распределба на долговите, нагласувајќи дека сакаат позајмените пари да се дистрибуираат во форма на заеми. Тие не се единствените што се засегнати од оваа проблематика. Финска е неодлучна – распределбата на долгови е традиционално чувствително прашање во финската политика. Глобално, Белгија го поддржува француско-германскиот план, но смета дека добра опција е комбинирање грантови и заеми. Малта, пак, според мислењето на еден од ЕУ-дипломатите, јасно дава на знаење дека претпочита поголемиот дел од новиот фонд да го сочинуваат заемите и дека е загрижена во однос на заедничката одговорност. Во секој случај, извесни се големи несогласувања меѓу земјите-членки. Еден од можните компромиси би била опцијата грантовите да го сочинуваат најголемиот дел од фондот за обнова, но само ако земјите гарантираат имплементација на економските реформи во замена за средствата.
2. Нови даноци?
Земјите како Франција и Полска одамна бараат воведување нови даноци, кои би помогнале во финансирањето на европските расходи. Од друга страна, оние како Германија и Холандија, отворено покажуваат традиционална претпазливост во однос на нови видови даночни приходи во рамките на ЕУ. Поранешниот генерален секретар на Комисијата, Мартин Селмаир, неодамна посочи дека Комисијата е подготвена да предложи нови извори на приходи, вклучувајќи и данок за јаглеродни емисии, дигитален данок и колективна даночна база. Заедничкиот предлог на Франција и Германија се однесува и на правичното оданочување на дигиталната економија во рамките на ЕУ, како и на воспоставувањето колективна даночна база. Во секој случај, тешко е да се очекува дека каков било нов даночен предлог ќе успее навреме да ја добие поддршката од сите 27 земји -членки, а која се однесува на буџетот за 2021 година. Сепак, државните лидери би можеле да продолжат да преговараат за новите извори на приходи, планирајќи нивно заживување во текот на идните неколку години.
3. Геополитички амбиции
Урсула фон дер Лајен го почна својот мандат со цел да направи од ЕУ позначаен светски фактор. За таа цел, на ЕУ ќе ѝ бидат потребни многу финансии. Меѓутоа, се чини дека трошењето надвор од границите на Унијата во моментите кога ЕУ се соочува со својата најголема домашна рецесија, а националните влади имаат постојан недостиг од готовина, политички би било тешко изводливо. И покрај тоа, една од геополитичките амбиции би можело да се изведе. Фон Лајен најави дека ќе се обиде да го искористи новиот инструмент за финансиска обнова „за да помогне во инвестирањето во клучните вредности, кои се најважни за нашата идна издржливост и стратегиска автономија“. Овој фонд би ѝ обезбедил удел на Комисијата во значајни европски компании, особено во посиромашните членки на ЕУ, кои не се во состојба директно да инвестираат. Меѓутоа, програмите што би можеле да ѝ помогнат на Европа да преземе поголема светска улога наидоа на големи тешкотии и блокади: на лидерскиот самит за европскиот буџет, еден од компромисите опфаќаше кратење на планираните трошоци за воена мобилност и помош на соседите, како и за развој и меѓународна соработка.
4. Повторно почнуваат војните за враќање пари
Отворањето на новиот предлог, познат како „инструмент за обнова“, веројатно ќе прерасне во една од најспорните дебати во буџетските преговори: дали некои побогати земји-членки треба да добијат попуст во однос на нивните придонеси. Овие аранжмани се познати како процес на враќање пари; земјите, пак, што ги добиваат овие попусти, ги нарекуваат корекции. Официјални претставници на Австрија, Холандија, Шведска и Данска тврдат дека се соочуваат со преземање уште поголем финансиски товар заради стимулирањето на европската економија – токму затоа, нивните високи придонеси треба да се намалат, за да станат пофункционални како држави. Исто како и во претходните рунди преговори, споменатата „четворка“ ќе се соочи со значително спротивставување. Како и да е, внатрешни извори од ЕУ сметаат дека попустите би можеле да се покажат како отстапки што помагаат да се добие начелна согласност од „четворката“ за инструментот за обнова.
5. Менување сојузи
Традиционалните улоги и сојузи во битките околу буџетот донекаде се променија за време на кризата со ковид-19, а новиот предлог на Комисијата веројатно ќе ги нагласи и продлабочи тензиите меѓу докажаните пријатели. Во борбата за зачувување на паричната готовина од регионалниот развој, порано источните земји беа во сојуз со Југот. Сега тие сѐ почесто се загрижени што парите за обнова течат кон истиот тој Југ, па сега имаме ситуација земјите-членки од Истокот да помагаат финансиски за закрепнување на побогатите држави. Не се само источните држави оние што сакаат да добијат дел од колачот. Само како пример, тука е Белгија, која во однос на ова прашање е на слична линија со Полска. Европските функционери потврдуваат дека т.н. „клуч за распределба“ (образец за распределба на финансиската помош за закрепнување помеѓу членките на ЕУ) ќе претставува голем предизвик во текот на преговорите, додека на оние што не беа толку сериозно погодени од кризата, ќе мора да им се понудат некои алтернативни средства за мотивација.
(При подготвувањето на текстот се користени извадоци од https://www.politico.eu/article/commissions-budget-and-recovery-plan-top-5-things-to-watch/)