Норвешка ја повлече вакцината на „Астразенека“ од својата програма за вакцинирање против ковид-19, објави премиерката Ерна Солберг.
Таа рече дека одлуката е заснована на препораки од комитетот на експерти и од норвешкиот институт за јавно здравје, кој препорача повлекување на „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“ од програмата за вакцинација, поради ризик од многу ретки, но сериозни несакани ефекти.
Норвешка исто така ја продолжува суспензијата на вакцинта на „Џонсон и Џонсон“, но сè уште не ја исклучи од програмата за вакцинација, рече Солберг.
Владата размислува да им ја понуди вакцината на „Џонсон и Џонсон“, која допрва ќе се користи во земјата, на оние кои се подготвени да ја примат.
Норвешка престана да вакцинира со „Астразенека“ на 11 март како мерка на претпазливост поради појава на ретки тромби по вакцинацијата, вклучително и смртни случаи. До тогаш оваа вакцина ја примиле околу 138 000 луѓе.
Данска пред нешто повеќе од еден месец ја повлече вакцината на „Астразенека“ од својата програма за вакцинирање.