Новите 90-минутни ДНК-тестови за коронавирус, грип и други респираторни вируси ќе бидат достапни во британските болници и старски домови од следната недела, објави британската влада.
– Фактот дека овие тестови можат да откријат грип и ковид-19 ќе биде од голема корист за нас кога ќе дојде зимата – рече британскиот министер за здравство Мет Хенкок, пренесува „Њу сајентист“.
Владата на Велика Британија обезбеди 5,8 милиони ДНК-тестови и 5.000 машини за тестирање на ДНК од компанијата DNA Nudge, како и 450.000 тестови од друга британска компанија – Оксфорд Нанопоре.
Во моментов нема јавно достапни податоци за точноста на новите тестови, но Џон Бел од универзитетот Оксфорд, кој ја советува владата за тестирање, за „Би-би-си“ изјави дека новите тестови имаат иста чувствителност како постојните лабораториски тестови. Компанијата „DNA Nudge“ тврди дека нивниот тест има точност од 98 проценти.