Експерименталниот лек против ковид-19 на компанијата „Мерк“, „молнупиравир“, ќе мора да се консумира со додатни лекарства, во таканаречен „ковид-коктел“, со цел да се намали ризикот дека вирусот ќе го надмудри третманот, смета директорот на „Велком“, Џереми Ферар, а пренесува „Блумберг“.
Иако допрво треба да добие одобрение од регулаторите, „молнупиравир“ се смета за врвно достигнување во борбата против коронавирусот, бидејќи може да биде релативно евтин и лесен за производство, а за време на испитувањата покажа дека го намалува ризикот од хоспитализација до 50 отсто кај заболените со мали и благи симптоми.
– Помислата дека можете да имате лек што се пие и би можеле да го земете веднаш штом имате дури и најмала сомнеж дека сте инфицирани е огромен чекор напред во борбата против вирусот на глобално ниво – изјави Фарар, кој сепак, смета дека постои шанса вирусот да го „надмудри“ лекот и да ги избегне неговите ефекти.
Отпоротноста на лекови се јавува кога вирусите и бактериите се развиваат и го надвладуваат механизмот на лековите. Фарар сугерира дека и покрај оптимизмот и добрите резултати од истражувањата за лекот, пилулата на „Мерк“ исто така нема да биде исклучок.
Од друга страна, пак, Ник Картсонис, потпретседател за клинички истражувања за заразни болести и вакцини во истражувачките лаборатории на „Мерк“, смета дека шансата тоа да се случи е мала, бидејќи претходните експерименти со други вируси се покажале како успешни.
Третманот со „молнупиравир“ е краток, што значи дека коронавирусите имаат мала шанса да се развијат во отпорни форми. Дополнителна причина за оптимизам лежи во механизмот на дејство на лекот. „Молнупиравир“ работи со „внесување“ грешки во генетскиот материјал на коронавирусот, кои потоа се повторуваат додека вирусот не исчезне. Тоа значи дека вирусот има помалку можности да мутира за време на третманот.
Студијата покажала дека „молнупиравир има“ потенцијал да ја намали стапката на хоспитализации и за смртни случаи за околу 50 отсто кај пациентите со благи до умерени симптоми, а „Велком“ инвестираше 11 милиони долари во проектот наречен „Ковид-муншот“ со цел изнаоѓање на лек што ќе го блокира клучниот протеин што коронавирусот го користи за да се реплицира.