Во ажурирана прогноза, Том Бритон, професор по математика на Универзитетот во Стокхолм, предвидува дека Стокхолм ќе оствари колективен имунитет против новиот коронавирус во јуни, пренесува „Свенска Дагбладет“.
– Колку повеќе луѓе се зарзат со вирусот и станат имуни, толку е потешко да се шири вирусот кај популацијата. Но, ако не се постигне колективен имунитет пред да бидат укинати ограничувањата, се очекува втор бран на инфекција – објасни Бритон.
Според неговото ново математичко моделирање, колективниот имунитет може да се постигне ако 40-45 отсто од популацијата се зарази со коронавирусот наместо 60 отсто, како што беше кажано претходно. Сепак, поради побавното ширење, ова ќе се случи дури во средината на јуни, наместо во мај како што беше предвидено претходно.
– Користевме едноставен модел со репродукциски број 2,5, кога секој човек во просек инфицира 2,5 лица, и заклучивме дека колективниот имунитетот се јавува на околу 40-45 отсто наместо 60 отсто – рече Бритон.
Друг истражувачки тим, предводен од Габриела Гомес од Школата за тропска медицина во Ливерпул, посочува уште помал процент кога може да се појави колективен имунитет, но Бритон е донекаде скептичен.
– Тие одат со 10-20 отсто, но јас не верувам во тоа. Важно е дека процентот е значително помал од 60 – рече Бритон.
Шведскиот државен епидемиолог Андерс Тегнел смета дека прогнозата оти Стокхолм може да достигне колелтивен имунитет во јуни е веројатна.
– Да, но мислам дека мора да бидеме претпазливи што подразбираме под колективен имунитет. Тоа сепак не значи дека опасноста е завршена. Сè уште ќе имаме голема распространетост на вирусот, но на пониско ниво. Тое не е е сигнал дека сè може да се врати во нормала – рече Тегнел.
Досега, Шведска регистрира 26.322 случаи на ковид-19, скоро 5.000 излечени и 3.225 смртни случаи и останува најтешко погодената скандинавска нација. За разлика од своите нордиски соседи, Шведска постојано се спротивставуваше на задолжителните затварања и строгите мерки, потпирајќи се претежно на доброволните мерки на претпазливост засновани на заемна доверба меѓу властите и населението.