Земјите во светот повторно воведуваат рестриктивни мерки и контрола на границите за да го сузбијат повторното ширење на ковид-19, пред да излезе од контрола заразата.
Од вчера сите патници кои влегуваат во Грција на границата со Бугарија треба да имаат потврда за негативен тест на коронавирус, кој не е постар од 72 часа и да биде преведен на англиски јазик. Новите правила, усвоени по растот на бројот на случаи поврзани со доаѓањето на туристите, веднаш доведоа до пад на бројот на патници.
– Времето за предупредување и за попуштање на луѓето заврши. Се наоѓаме во многу сериозна и смртносна ситуација – изјави премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус.
Во светот од коронавирус се заразени повеќе од 13 милиони луѓе, а речиси 580 илјади се починати, покажуваат податоците од Универзитетот Џонс Хопкинс. Се проценува дека бројот на заболени е многу поголем од потврдениот поради низа причини, меѓу кои е и ограниченото тестирање.
Рестрикциите повторно стапија на сила во Хонгконг, каде јавните собири се ограничени на четворица луѓе, на рестораните по 18 часот им е дозволена само достава на храна, а на една недела затоврени се и теретаните, баровите и другите бизниси. Во јавниот превоз за првпат е задолжително носењето на маски, а казна ќе има за оние кои нема да носат.
Израел минатата недела повторно воведе мерки за сузбивање на коронавирусот. Ги затвори големите концертниу сали, баровите и клубовите. Во подрачјата со висока стапка на заразени воведени се рестрикции што доведе до протести.
Експертите предупредуваат дека ќе мора повторно да се затвори целата земја ако не се намали бројот на заболени во наредните неколку дена.
– Не гледам кои други средства ни се на располагање освен рестрикциите. Освен ако не се случи некое чудо – рекол израелскиот министер за здравство, Јули Еделстин.
Во Јужноафриканската Република веќе се видливи знаците на преоптеретеност со пандемијата – што е многу лош сигнал за останатиот дел од континентот. Оваа недела е воведена забрана на продажбата на алкохол и полициски час за време на вечерта за да се намали бројот на случаи во итната помош, додека болниците се обидуваат да примат голем број на заболени од коронавирус.
Во Шпанија, властите во Каталонија се обидуваат да сузбијат ново жариште, а здравствените работници предупредуваат дека е потребно подобро и поголемо следење на контактите со заразените. Од вторникот на полноќ, 160 илјади жители на градот Љеида и околните подрачја можат да ги напуштат своите домови само со адекватно оправдување. Таа област е блокирана, а пред сите општини има полициски контролни пунктови. Баровите и рестораните работат само со испорака на храна.
Во Јапонија пак гувернерката на Токио Јурико Коике рекла дека ширењето на заразата ескалирало до алармантно ниво и побарала од граѓаните и бизнисите да ги почитуваат превентивните мерки.
Белорусија во меѓувреме најави отворање на границите со Русија и обновување на сообраќајот меѓу двете земји во следните денови.