Бидејќи ширењето на коронавирусот продолжува масовно, луѓето развиваат стравови од разни површини. Сега, насекаде низ светот, сите се обидуваме да отвораме врати со лактите, оние кои често користат јавен превоз избегнуваат да се држат за шипките, а канцелариските работници секое утро ги дезинфицираат работните маси.
Како и многу респираторни вируси, вклучително и грипот, ковид-19 може да се прошири преку ситни капки од носот и устата на заразено лице кое кива и кашла.
Од една кашлица може да произлезат до 3.000 капки. Овие капки можат да паднат на други луѓе, нивната облека и површините околу нив, додека некои од помалите честички остануваат во воздухот. Постојат докази дека вирусот опстојува во фекална материја подолго, така што секој што не ги мие рацете после употреба на тоалетот, може да контаминира се што ќе допре.
До неодамна, не беше јасно колку долго вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, може да преживее надвор од човечкото тело. Некои студии спроведени на други коронавируси, вклучувајќи ги МЕРС и САРС, откриле дека тие можат да преживеат на метал, стакло или пластика до девет дена, доколку овие површини не се правилно дезинфицирани. Некои коронавируси, на ниски температури, можат да останат и до 28 дена.
Вирологот во Националниот институт за здравство (NIH), Нелти ван Доремален и нејзините колеги од Rocky Mountain Laboratories во Хамилтон, Монтана, направиле еден од првите тестови за да дознаат колку вирусот може да преживее на различни површини.
Студијата што сè уште не е објавена во научно списание, покажува дека кога некое лице кашла во воздух, вирусот може да опстане и до три часа. Капка со големина од 1 до 5 микрометри, триесет пати помала од ширината на влакно, можат да преживее во воздухот до неколку часа.
Студијата открила дека вирусот преживува на картон и до 24 часа и два до три дена на пластични и површини од нерѓосувачки челик.
Овој наод сугерира дека вирусот опстојува подолго време на брави, ламинирани и пластифицирани работни плотни, како и на други цврсти површини. Истражувачите откриле дека бакарните површини го неутрализираат вирусот по само четири часа.
Науниците се обиделе да дојдат и до сознанија како најефикасно да се изврши дезинфекција на контамираните површини.
Така откриено е дека коронавирусот може да се неутрализира во рок од една минута ако површините се дезинфицираат со 62-71 отсто алкохол или домашно белило кое содржи 0,1 отсто натриум хипохлорит.
Високите температури и влажноста, исто така, покажуваат добри резултати кога станува збор за брзо неутрализирање на другите коронавируси, односно истражувањето покажало дека сродните коронавируси кои предизвикуваат САРС можат да се уништат на температури над 56 Целзиусови степени.