Најновата мутација на коронавирусот во Англија е незначителна и не влијае на ефикасноста на вакцината, изјави денес Мелита Вујновиќ, претставничка на СЗО во Русија.

– До денес мутациите на ковид-19 беа во голема мера незначителни и досегашните промени не влијаеја на дијагностичките алатки, медицинската подготовка и вакцините што се развиени – рече таа за ТАСС.

Според нејзиното мислење, СЗО препорачува да се продолжи како порано, а тоа е со следење на контактите, одржување социјална дистанца, миење раце и носење маски.

– СЗО им препорачува на сите земји да го следат ковид-19 и да разменуваат информации, како што е откривањето мутација, што може да предизвика загриженост – рече таа.

Министерот на Велика Британија, Мет Хенкок, на 14 декември изјави дека британските научници откриле нов, позаразен вид коронавирус, кој е поизразен на југоистокот на Англија, а пет дена подоцна, премиерот Борис Џонсон изјави дека новиот вид може да биде 70 проценти позаразен од претходните видови.