Германски научници бараат 4.000 доброволци кои ќе учествуваат на експериментален концерт на 22 август во Лајпциг, како би се утврдило колкав е ризикот од пренесување на коронавирусот на настани на кои се собираат голем број луѓе, објави „Дојче веле“.
Експериментот го организира тим истражувачи од Универзитетската клиника во Хале на истокот на Германија. Сите учесници, на возраст меѓу 18 и 50 години мора да имаат негативен тест за коронавирусот. Концертот ќе се одржи на 22 август во Лајпциг, а на него ќе настапи популарниот поп-пејач Тим Бенко, со цел однесувањето на публиката да биде што поблиско до реалноста, велат организаторите.
На концертот доброволците мора да носат „ФФП2“ филтер маски, а во експериментот ќе се користи и флуоресцентно средство за дезинфекција. Ова средство, освен за заштитни цели, ќе се користи и за следење на тоа кои површини публиката најчесто ги допира.
Учесниците во експериментот ќе добијат и уред кој ќе им овозможи на научниците да го следат нивното движење и оддалеченоста од другите. Научниците веруваат дека најголем предизвик ќе биде проценката на податоците, а планот е да се тестираат три можни сценарија.
Првото сценарио е без дистанцирање и други мерки за заштита од коронавирусот, потоа се предвидува побавен влез на публиката на повеќе влезови, со построги заштитни и хигиенски мерки, а третото сценарио вклучува волонтери кои ќе седат на трибините, на растојание од 1.5 метри едни од други, а во овој дел од експериментот треба да учествуваат 2 илјади луѓе.
Експериментот има за цел да утврди под кои условии би било можно повторно да се одржуваат настани со голем број луѓе, кои во Германија би требало да бидат дозволени од 30-ти септември. Покрај тоа, цел на експериментот е да се утврди со колку други луѓе, еден посетител има контакт кога присуствува на ваков настан.
Истражувачите се надеваат дека резултатите можат да помогнат во формулирањето на математички модел што ќе се користи за да се спречи ширењето на вирусот на големи настани. Првите резултати од студијата се очекува да бидат готови до крајот на септември, односно, четири до шест месеци по спроведувањето на експериментот.