Социјалната мрежа „Твитер“ го ограничи пристапот до официјалниот налог за промоција на „спутник в“ – руската вакцина против коронавирусот.
На налогот е издадено предупредување дека пристапот до него е привремено ограничен бидејќи биле забележани „невообичаени активности“, иако корисниците сепак можат да пристапат на страницата и да прават кликови, пренесува „Ројтерс“.
– Се обидуваме да ја откриеме причината за блокадата – се наведува во соопштението на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој управува со нарачките, но и пласманот на вакцината на странските пазари.
Во соопштението се додава дека Фондот ќе побара од корисниците да пишуваат на „Твитер“ и да побараат налогот да се врати во нормала, за да може да ги сподели сите информации поврзани со вакцината.