Коментар на британски „Гардијан“ за новата нишка на ковид-19
Мутацијата на вирусот не објаснува целосно зошто Велика Британија е во ваков хаос или претставува оттргнување на вниманието од другите неуспеси што доведоа до овој степен
Карантинските мерки во југоисточна Англија може да биде пример што ќе следи во иднина. Шеснаесет милиони луѓе се под нови строги рестрикции од четврта фаза и постојат индиции дека е можно да се воведат построги правила што ќе важат со месеци. На многумина во државата плановите им расипаа во последен момент. Причината за промената на плановите на владата е новата мутација на вирусот наречена Б117 која не е посмртоносна од првичниот САРС-Ков-2, но многу полесно се шири. Европските држави забранија дојдовни летови од Велика Британија од страв дека мутираниот патоген со потекло од Кент, ќе се рашири насекаде надвор од Кралството. Ако влијанието на новиот вирус врз стапката на ширење е лошо колку што стравуваат владините советници, тогаш ќе биде потребен државен карантин како што беше воведен во март.
Премиерот требаше порано да реагира. Тој можеби не знаел точно што влијае на зголемувањето на бројот на случаи, но министрите знаеја една недела дека нешто не е во ред. Во вторникот, Британскиот медицински журнал и журналот на здравствената служба предупредија дека ако продолжи ваквиот тренд, дури и без планираното ублажување на мерките околу Божиќ, најверојатно во болниците во Англија ќе бидат примени околу 19.000 пациенти до Нова година, што е еднакво на бројот во пикот на првиот бран во април.
Конзервативните членови на парламентот апелираат министерот за здравство Мет Хенкок да поднесе оставка, но за тоа треба да одлучи премиерот. Борис Џонсон мислеше дека сè ќе помине лесно, но реалноста е сосема поинаква. Важни се компетенциите, а Џонсон не ги поседува. Велика Британија регистрираше нов дневен рекорд од 35.928 случаи на коронавирус и 326 починати вчера.
Најважниот начин да се намали појавата на нови мутации е да се ограничи ширењето на вирусот. По трет пат во една година, владата одби да се соочи со фактите и да ги преземе неопходните мерки додека не е предоцна. Одложувањата не само што резултираа со илјадници изгубени животи, туку и кумулативно ја намалија довербата во властите што беше потребна да се зајакне. Ваквиот развој на настаните дополнително фрустрира, затоа што токму сега вакцините дадоа нова надеж.
Со оглед на зголемената неефикасност, сега Џонсон најмногу треба да воведе ефикасен систем на тестирање и следење на контактите на заразените и да подготви соодветен систем за поддршка на луѓето кои се самоизолираат. Премиерот требаше да подготви финансиран план за училиштата да бидат безбедни. Без овие мерки, Џонсон нема никакви шанси да избегне повеќемесечен мачен карантин. Мутираниот вирус не може целосно да објасни зошто Велика Британија се наоѓа во овој хаос или вниманието се оттргнува од други неуспеси кои ја доведоа државата до овој степен. Владата требаше да се залага за стратегија на целосно искоренување на вирусот за која одамна апелираше британската група на научници.
Усогласувањето не треба и не може да се потпира на принудата. Доколку владата попаметно ги воведуваше правилата и поефикасно ги објаснуваше регулативите, препораките и причините за истите, тогаш Велика Британија немаше да се најде во апсурдна позиција да ја испраќа полицијата да апелира до граѓаните да не се патуваат дома за празниците. Во текот на оваа година, не само што добрата волја се исцрпи со кумулативниот ефект на карантинот, туку и исчезна поради неспособноста на властите, советите на Доминик Камингс за избегнување на карантинот и откритието дека иако милиони се соочуваат со економски тешкотии, владејачката елита просперираше од владината помош, која се делеше меѓу нив речиси без никакво оправдување. Поголемиот дел од јавноста сè уште сака правилно да постапи без разлика на ставот на владата.
Превод: Билјана Здравковска