Комарците се преносители на голем број заразни смртоносни болести. Колкава е опасноста да ја прошират и короната

Топлото време носи нови дилеми

Најголемиот непријател на луѓето во летниот период се комарците, инсекти што се познати како преносители на маларија, на вирусот на западнонилската треска, вирусната инфекција зика, како и на други заразни болести што можат да ги инфицираат луѓето, па јавноста со право се прашува дали тие, со оглед на тоа што доаѓаат потопли денови, би можеле да го шират и новиот вирус ковид-19. Дилемата е уште поголема бидејќи и неколку месеци по појавата на овој вирус, и понатаму многу работи за него им се непознати на здравствените работници и стручната јавност.
Постојат неколку вида хумани коронавируси, вклучувајќи ги и МЕРС и САРС, а секој од нив предизвикува смрт. За разлика од нив, новиот коронавирус САРС-КоВ-2 е непознат за медицинската заедница.

Неодамна научниците потврдија дека тигри во зоолошката градина во Њујорк се позитивни на коронавирусот, а се верува дека се заразиле во контакт со луѓето. Во меѓувреме, во САД се појавиле неколку случаи на зараза кај домашни миленици, пред сè мачки, кои се заразиле по близок контакт со заразени лица.
Од тие причини се поставува прашањето дали комарците, птиците, но и евентуално други животни би можеле да го пренесуваат вирусот.

– Станува збор за нов вирус за кој повеќето работи не се познати, така што не можеме да кажеме дали некое животно би можело да го шири вирусот. И Светската здравствена организација нема официјални ставови по тоа прашање, така што не знаеме дали животните би го пренесувале новиот вирус – велат дел од домашните епидемиолози со кои се консултиравме.
Според нив, поголема опасност за појава на разни други видови зараза би можела да биде нехигиената на јавните простори. И светските искуства засега не потврдуваат случаи на заразени со ковид-19 преку комарци, ниту, пак, преку некое друго животно.
– Не постојат извештаи што докажуваат дека коронавирусот се проширил на луѓето преку комарците… Да беше тоа патот на пренесување на инфекцијата, ќе видевме такви случаи на Блискиот Исток, каде што блискоисточниот респираторен синдром (МЕРС) што го предизвикува коронавирусот е присутен веќе шест години – вели Мери Шмит, специјалистка за заразни болести и интерна медицина.

Според неа, доколку комарецот се храни со крвта на заболено лице од МЕРС, присуството на вирусот кај инсектот може да се открие уште првиот ден. Но за да стане тоа закана за луѓето, би требало да се случат редица одредени настани.
– За да дојде до тоа во вистинскиот живот, комарците би морале да се заразат со вирусот за време на хранењето. Вирусот потоа се размножува во цревното ткиво, се шири на секундарните места, вклучувајќи ги и жлездите за плунка и на крајот се ослободува во самата плунка. Така може да се инјектира во кожата на човекот за време на хранењето – појаснува Шмит.

Сепак, таа додава дека комарците треба да се следат.
На почетокот на март, СЗО соопшти дека нема информации или докази што би сугерирале дека ковид-19 би можеле да го пренесуваат комарците. Болестите што ги пренесуваат комарците спаѓаат во групата векторски заразни болести. Тоа значи дека предизвикувачот на болеста одредено време се наоѓа во комарецот – векторот, кој преку убодот го пренесува врз човекот.
Овие болести имаат сезонски карактер, бидејќи зависат од животниот циклус на комарците. Од тие причини, болестите што ги пренесуваат комарците се јавуваат од пролет до есен во периодот на нивниот развоен циклус. Меѓу најважните болести што ги пренесуваат комарците е маларијата, позната и како една од најопасните тропски болести. Регистрирани се 430.000 смртни случаи од оваа болест.
Последните години глобален проблем стана и треската денга, вирусна болест што врз луѓето ја пренесуваат комарците, а која не е непозната во овие краеви. Овој вирус го пренесува азискиот тигрест комарец.

Уште една опасна и потенцијално смртоносна болест што ја пренесуваат комарците е жолтата треска, тешка акутна вирусна хеморагиска болест. Ендемичните жаришта на вирусот на жолтата треска се наоѓаат во тропските подрачја на Африка, како и во Централна и во Јужна Америка. Вирусната инфекција зика особено внимание предизвика во 2016 година, кога со ширењето на инфекцијата беше забележано групирање на невролошки нарушувања и малформации кај новороденчињата на подрачјето на Карибите, Јужна, Централна и Северна Америка, како и на другите континенти.
Западнонилската треска е болест што се шири од животните на луѓето, а ја има и на овие простори.


Бил Гејтс вложува во генетски модифицирани комарци

Бил Гејтс вложува четири милиони долари во проект за создавање генетски модифицирани комарци, кои ќе се уништуваат меѓусебно преку секс, пишува „Њујорк пост“.
Станува збор за особено храбар и необичен обид да ѝ се стави крај на маларијата, смртоносна болест, која обично се пренесува со каснување од заразен комарец, но и да се спречат и други вируси што ги шират комарците.

Гејтс планира да вложи пари од сопствената добротворна организација „Бил енд Мелинда Гејтс фаундејшн“. Планот е да се создадат модифицирани машки комарци, кои се парат со женки во дивина. Само женските комарци касаат, па армијата генетски модифицирани машки комарци на Гејтс не би ги напаѓала луѓето.