Компанијата „Модерна“ ги објави позитивните резултати од својата вакцина против коронавирус кај деца на возраст од шест до 11 години и има намера истите наскоро да ги достави на одобрување до регулаторните тела ширум светот.
Клиничките испитувања спроведени на повеќе од 4.700 деца на таа возраст покажуваат силен имунолошки одговор на антителата, поволен безбедносен профил и препарат кој генерално добро се поднесува, се вели во соопштението на „Модерна“.
Најчестите несакани ефекти се замор, главоболка, треска и болка во раката каде што е дадена инјекцијата соопштија од компанијата.
„Ние брзаме да ги доставиме податоците до светските регулаторни агенции“, изјави шефот на „Модерна“, Стефан Бансел.
Дозата за деца е прилагодена на 50 микрограми, во споредба со 100 микрограми за лица во постари години. Таа доза од 50 микрограми беше избрана и за засилувачка доза на „Модерна“ за постари лица, која неодамна беше одобрена во САД.
Овој резултат значи дека две вакцини против коронавирус за помали деца наскоро би можеле да бидат достапни во Соединетите Американски Држави.
Американската агенција за лекови треба да се состане во вторник за да ја разгледа можноста за одобрување за употреба на вакцината на „Фајзер“ за деца на возраст од пет до 11 години.
Во исто време, „Модерна“ спроведува клинички испитувања на уште помали деца на возраст од шест месеци до пет години.