„Модерна“ може да го заврши тестирањето на бустер-дозата за новиот сој омикрон во март и да поднесе барање за одобрување во САД, изјави вчера претседателот на компанијата.
Стивен Хоџ рече дека засилувачката доза, која содржи гени што конкретно ги таргетираат мутациите на новиот сој, ќе биде најбрзиот начин да се реши проблемот со намалената ефикасност на вакцината.
Компанијата исто така работи на мултивалентна вакцина, која би била ефикасна против четири вида на коронавирусот, вклучително и омикрон.
– Може да потрае уште неколку месеци – рече Хоџ.
Следејќи ги упатствата на Американската администрација за храна и лекови (ФДА), Хоџ рече дека процесот може да потрае три или четири месеци.
– Засилените дози против омикрон, реално, не може да се појават на пазарот пред март, а може дури и да дојдат во вториот квартал, освен ако ФДА не ги смени своите упатства за податоците потребни за овластување – рече претседателот на „Модерна“ додавајќи дека компанијата ќе почне со производство на вакцини додека трае тестирањето за да може што побргу да им ја понуди вакцината на граѓаните.