Министрите за надворешни работи од ЕУ се согласни за потребата од постепено продолжување на туристичките активности и патувањето во ЕУ, изјави денеска хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман, нагласувајќи дека е потребна претпазливост и покрај поповолната епидемиолошка состојба во Хрватска.
– Како туристичка земја, во интерес на Хрватска е да има туристи, да се пополнат хотелите, но треба да видиме на кој начин можеме да го сториме тоа – рече хрватскиот министер за надворешни работи, по онлајн средбата што ја иницираше неговиот германски колега Хајко Мас.
Министрите за надворешни работи на Хрватска, Германија, Австрија, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија се согласија дека туристичките активности и патувањата во рамките на ЕУ треба постепено да се обновуваат.
Тие се согласиле на заедничка декларација во која повикуваат сите претприемачи во туристичкиот сектор да воведат мерки на претпазливост и заштитни мерки за туристите кога ќе се дозволи нивно пристигнување, објасни Грилиќ Радман.
Тој посочи дека на граѓаните кои патуваат треба да им се обезбеди безбедно пристигнување и безбедно враќање дома.
Грлиќ Радман вели дека постои оптимизам во однос на поповолните епидемиолошки состојби, но оти сепак е потребна претпазливост.
– Хрватска се отвора, но ние сè уште сме претпазливи – рече Грлиќ Радман.